Вашингтон доби отштета од 335 милиони долари од Судан за нападите на Ал Каеда

Од:

САД денеска потврдија дека добиле отштета од Судан во износ од 335 милиони долари за жртвите на атентатите извршени од Ал Каеда во 1998 година и потврдија дека сега сакаат да „отворат ново поглавје во односите со Картум“.

Како дел од договорот постигнат кон крајот на 2020 година по дипломатска борба и долги правни постапки, суданската Влада се согласи да исплати обештетување и камата за жртвите од атентатите врз амбасадите на САД во Кенија и Танзанија, како и врз американскиот воен брод „УСС Кол“ во Јемен во 2000 година, во кои беа убиени повеќе од 200 лица.

Парите беа депонирани на блокирана сметка се додека американската Влада не го отстрани Судан од американската црна листа на земји кои го поддржуваат тероризмот .

Во декември лани Судан беше отстранет од црната листа, а минатата недела Стејт департментот го извести американскиот Конгрес за повторното воспоставување на „суверен имунитет за Судан“, според законот од крајот на 2020 година, изјави денеска американскиот државен секретар Антони Блинкен, додавајќи дека парите се деблокирани.

Американското судство пресуди дека Судан е одговорен што на своја територија во текот на 90-тите години од минатиот век го прими шефот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, по што земјата во 1993 година беше ставена на црната листа на САД.

-Ние ги цениме конструктивните напори на Судан во последните неколку години да најдеме решение, рече Блинкен. „Сега тој тежок процес е зад нас, односите меѓу САД и Судан можат да отворат ново поглавје“, додаде Блинкен.

Како дел од компромисот за кој преговараше владата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, преодната суданска Влада се согласи да ја признае израелската држава.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија