Унгарскиот кандидат за комесар за здравје и благосостојба на животните, Оливер Вархеји, не доби веднаш одобрение од пратениците во Европскиот парламент за функцијата и ќе треба писмено да одговори на дополнителни прашања.
По вчерашното рочиште, координаторите на надлежниот Комитет на ЕП за животна средина, јавно здравје и безбедност на храна и Комитетот на ЕП за земјоделство и рурален развој одлучија да побараат од Вархеји писмено да одговори на дополнителни прашања, изјави вршителот на должноста портпарол на ЕП, Делфин Колард.
Вархеји, кој е комесар за проширување во актуелната Комисија, до понеделник треба да одговори на прашањата на членовите на ЕП, а потоа, според Политико, координаторите ќе одржат втор состанок за оценување, по што ќе треба да донесат одлука за Вархеји за кандидатура со двотретинско мнозинство.