САД одлучи да ја заврши работата на Американската агенција за меѓународен развој (USAID) во Русија, откако руските власти побара,а таа организација да ја напушти земјата.
Портпаролот на Стејт департментот Ниланд изјави дека Русија минатата седмица писмено ја известила САД за својата одлука. Ниланд не наведе причина за одлуката на Русија, ниту упати критики.
„Ние се надеваме дека Русија сега сама ќе превземе полна одговорност и ќе ја продолжи оваа работа“, изјави Ниланд.
USAID дејствуваше во Русија од падот на Советскиот сојуз, вложувајќи околу 2.7 милијарди долари на социјални и економски програми.
Ниланд не прецизираше кога во потполност USAID ќе се повлече од Русија, истакнувајќи дека сакаат „одговорно да ја завршат програмата“.
Претставниците на руските невладини организации сметаат дека затворањето на канцеларијата на USAID во Русија е загрижувачки сигнал.
„Тоа е многу лош сигнал. Тие се наши партнери од 2002. година и сметам дека направија многу за руската јавност, за поддршката на невладиниот сектор и за слободата на медиумите во Русија“, изјави претседателката на здружението за заштита на човековите права „Голос“, Лидија Шибанова.