Ништо не треба да се одлучува за Украина без Украина, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски рече дека ги информирал претседателот на ЕК и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, за планот на САД за прекин на руската инвазија на Украина.
– Што се однесува до следните чекори, европските лидери ќе се сретнат утре на маргините на Г20, а потоа и во Ангола, каде што ќе се одржи самитот ЕУ-Африканска унија, напиша Урсула фон дер Лајен на Платформата X.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денес изјави дека ќе предложи „алтернативи“ на планот на САД за прекин на конфликтот со Русија, план кој се смета за многу поволен за Москва, ветувајќи дека нема да ги „издаде“ украинските интереси.
Зеленски предупреди дека неговата земја ризикува да ја изгуби поддршката на САД поради планот на Вашингтон за прекин на војната со Русија.
„Украина би можела да се соочи со многу тежок избор – губење на достоинство или ризикува да изгуби клучен партнер“, рече Зеленски.
