Унгарскиот претседател Јанош Адер денеска го потпиша спорниот закон за невладини организации, пренесе ДПА.
Парламентот неделава го усвои законот со 130 гласа „за“ на пратениците од конзервативната партија Фидес, на премиерот Виктор Орбан.
Според новите правила, невладините организации што добиваат над 24.000 евра годишно директно или индиректно странско финансирање, ќе треба да се регистрираат како граѓански организации финансирани од странство. Тие ќе треба да откриваат детали за своите спонзорствата и во сите свои публикации да кажуваат дека се „финансирани од странство“.
Владата на Орбан тврди дека законот е неопходен за борбата против перењето пари и тероризмот, потсетува ДПА.
Организациите што нема да го почитуваат законот ќе ризикуваат да им се наложат казни или да им се одземе правото да работат во земјата.
Џон Далхаузен од „Амнести интернешенел“ изјави дека вистинската цел на законот е „да ги оцрни, дискредитира и заплаши главните НГО-а и да ги попречи во нивната исклучително важна работа“.
Европскиот Парламент и Венецијанската комисија, исто така, упатија критики за законот, што, според нив, може да биде употребен од владата за да ги спречи критиките кон неа.