Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто повика претставник на Амбасадата на Франција во Будимпешта поради вчерашната изјави на шефот на француската дипломатија Лоран Фабијус.
– Наместо да даваат шокирачки и неосновани изјави, подобро е да ги насочат напорите кон барање на заеднички решенија за Европа. Изјавите на Фабијус не можат да останат без одговор, истакна Сијарто, но не наведе кој е повикан од Амбасадата на Франција.
Тој додаде дека некои луѓе во Европа се уште не можат да разберат под каков притисок е Унгарија од мигрантите.
– Добар Европеец е онај кој ги почитува правилата на Европа, а тоа се, сите членови на Европската унија имаат обвеска да ги заштитат границите, како и надворешните граници на ЕУ. Унгариј токму тоа го прави, ги исполнува ангажманите кон ЕУ, наведе Сијарто.
Фабијус вчера изјави дека одреден број на европски држави не ги преземаат контингентите бегалци и оти тоа е скандалозно. Тој наведе и дека Унгарија не ги почитува заедничките вредности на Европа со подигнувањето на ѕид на границата со Србија.