Унгарија дополнително ќе го засили воениот и полициски надзор на своите јужни граници, изјави денеска министерот за внатрешни работи Сандор Пинтер, на денот кога земјите од таканаречната балканска рута почнаа да ги спроведуваат поострите мерки против минувањето мигранти.
– Унгарија ќе ја засили заштитата на своите граници и заради мигрантите во целата земја ќе прогласиме кризна состојба, рече Пинтер, пренесува БТА.
Словенија, Хрватска и Србија од полноќ спроведуваат заострени мерки кои имаат за цел запирање на протокот на мигранти преку нивните граници.
Пинтер најави дека слични мерки подготвува и на границата со Романија за неговата земја кон оваа источна членка на Европската унија да може, доколку тоа биде потребно, во рок од десет дена да крене ограда.
Унгарија постави ограда од тел кон Србија и Хрватска.