Бегалците на железничката станица во Бичке, западно од Будимпешта, пружаат „пасивен отпор“ и одбиваат да бидат транспортирани во прифатен центар, изјави денеска полицискиот претставник Ласло Балаж.
Балаж, кој е шеф на Одделот за контрола на границата на националната полиција, изјави дека е започната истрага за видеото, што е објавено на интернет, а на кое се гледа употреба на солзавец против деца за време на ноќта во близина на унгарско-српската граница.
Во Унгарија досега се регистрирани 162.980 илегални влегувања од кои 162.075 на унгарско-српската граница, изјави Балаж, додавајќи дека полицијата во изминатите 24 часа уапсила 3.000 илегални бегалци и 11 шверцери на луѓе.
Досега годинава се уапсени 900 шверцери на луѓе во споредба со 593 во цела 2014 година.
Унгарското министерство за надворешни работи денеска соопшти дека годинава 150.611 бегалци поднеле барање за азил, меѓу кои 50.413 сириски државјани.
Бегалците утринава, по мирната ноќ, одржаа протест на железничката станица Бичке, каде вчера беше запрен воз од Будимпешта за Германија. Во текот на ноќта полицијата убеди 39 бегалци да влезат во автобус и бидат пренесени во бегалски камп.
Стотина бегалци, кои со денови се наоѓаат на железничката станица Келети во Будимпешта почнаа да ги собираат своите работи и најавија дека ќе одат пеш до Виена.
Унгарските власти со денови ги спречуваат бегалците да заминат со воз за Австрија или Германија.