Украинските сили се уверени дека ја пробиле најтешката линија на руската одбрана на југот на земјата и сега ќе можат побрзо да напредуваат, изјави еден од командантите на украинската контраофанзива. Украина започна контраофанзива во јуни, но наиде на добро зацврстената руска одбрана засилена со мински полиња што го забави напредувањето на украинските сили на југ, кон Азовското Море.
Во средата, украинските борци го кренаа своето знаме во градот Роботин, во јужниот регион Запорожје, 10 километри јужно од градот Орихив на линијата на фронтот.
„Нема да застанеме тука, следен во редот е градот Берџанск. Им реков на моите борци: нашата цел не е Роботино, нашата цел е Азовското Море“, рече еден од командантите кој го користи прекарот „Комбат“.
Роботино се наоѓа на 100 километри од Берџанск, пристаниште на брегот на Азовското Море и 85 километри од стратешкиот град Мелитопол. Двата града се под контрола на руските сили. Москва не потврди дека украинските сили влегле во Роботино. Минатата недела, американски официјален претставник изјави дека е малку веројатно украинските сили да стигнат до Мелитопол и да го заземат, со цел да ги отсечат руските сили на југ.
Претседателот Володимир Зеленски ја брани воената стратегија на Украина и ги отфрла тврдењата дека неговите сили се премногу распространети, повторувајќи дека верува дека ќе ја врати целата територија која е под руска окупација. Командантот Комбат тврди дека неговите борци ги поминале главните патишта кои се минирани и дека сега можат само побрзо да се движат напред.
Тој исто така рече дека украинските сили влегле во област каде што се наоѓаат само „руските логистички групи“ и дека се на пат да ја ослободат „целата територија“.