Украина и САД се во „последна фаза на преговори“ за договор за минерали, изјави украинскиот вицепремиер Олха Стефанишина. Неодамна, украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли договорот со кој на САД би им се овозможил пристап до украинските минерали во замена за американска поддршка.
Но, денес Стефанишина во објава на социјалните мрежи напиша: „Украинските и американските тимови се во завршна фаза на преговорите за договорот за минерали. Преговорите беа многу конструктивни и речиси сите клучни детали се договорени“.
„Посветени сме на брз заклучок за да можеме да преминеме на потпишување. Се надеваме дека лидерите на Соединетите Држави и Украина ќе го потпишат и поддржат договорот во Вашингтон што е можно поскоро за да ја покажеме нашата посветеност во децениите што доаѓаат“, се вели во соопштението.
Неодамна и поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјави дека верува оти договорот е „ветувачки“ за Украина.
Договорот за минерали меѓу САД и Украина беше предложен од американската администрација под претседателот Доналд Трамп. Според предлогот, Украина ќе отстапи 50% од своите резерви на ретки метали и други клучни минерали на Соединетите држави како форма на компензација за американската воена и финансиска помош обезбедена за време на војната со Русија.
Зеленски првично одби да потпише таков договор, наведувајќи дека тоа ќе значи „продажба“ на украинските ресурси и дека договорот во сегашната форма не обезбедува соодветни безбедносни гаранции за Украина. Зеленски, исто така, истакна дека американската помош е во форма на грантови, а не заеми и дека Украина не треба да мора да ги враќа овие средства преку своите природни ресурси.
И покрај првичното одбивање, преговорите меѓу американските и украинските официјални лица продолжија за постигнување заемно прифатлив договор кој ќе вклучува безбедносни гаранции за Украина. Зеленски истакна дека е подготвен да размисли за договор кој ќе обезбеди долгорочна безбедност и економски развој на Украина, но не по цена на суверенитетот над националните ресурси.