Пацифичкиот центар за предупредување од цунами доцна попладнево соопшти дека повеќе нема опасност од појава на големи бранови по земјотресот со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала, што денеска беше регистриран во Тихиот Океан крај јужните брегови на Чиле.
По ваквата најава на Центарот,, чилеанските власти исто така ја повлекоа наредбата за евакуација на крајбрежните региони.
Претходно, Центар соопшти дека по земјотресот е можна појава на цунами во радиус од 1.000 километри од неговиот епицентар, додека чилеанските власти информираа дека се очекува бреговите на Чиле да бидат погодени од бранови со висина до еден метар.
Раководителот на чиленската Национална канцеларија за вонредни состојби, Рикардо Торо апелираше до жителите на регионот Лос Лагос да ги напуштат крајбрежните подрачја и да преминат на безбедни места.
Како што соопшти Американскиот геофизички институт, епицентарот на земјотресот, кој се случил на длабочина од 15 километри под океанското дно, бил со епицентар на 225 километри југозападно од чилеанскиот крајбрежен град Пуерто Монт.
Нема информации за жртви и предизвикани материјални штети.
Претходно денеска, како што јави ТАСС, земјотрес со интензитет од 5,4 степени според Рихтер е регистиран и во северниот дел на Чиле, во близина на границата со Боливија.
Овој потрес бил на длабочина од 114 километри под површината на земјата, со епицентар 147 километри источно од градот Икике во северно Чиле.
И при овој земјотрес нема информации за жртви и предизвикани материјални штети.