Јеменските бунтовници хуси се подготвени да почнат преговори, под услов да биде прекината предводената од Саудиска Арабија воена кампања и преговорите да се водат од „неагресивни страни“, објави висок претставник на бунтовниците.
Салех ал Самад, поранешен советник на претседател Абд Рабу Мансур Хади, истакна дека жителите на Јемен се против враќањето на Хади, кој пребегна во Саудиска Арабија откако минатиот месец бунтовниците хуси се приближија до неговата резиденција во Аден.
Авиони и бродови на коалицијата, предводена од Саудиска Арабија, ги бомбардираат поддржаните од Иран борци хуси, со цел да ги потиснат бунтовниците и го вратат Хади на власт. Преговорите меѓу претседателот и хусите, во кои ОН беше посредник, завршија без успех.
Воздушните сили на коалицијата денеска извршија напади на најмалку 20 цели на територијата на Јемен, јави ТАСС.
Најголем број напади се извршени во главниот град Сана и во северните делови на државата. Според извештаите од Аден хусите денеска го заземале и административниот регион Ал Муала, додека приврзаниците на Хади се повлекле од пристаниште делови на градот.