Ал Џезира – Доха
Бегалскиот камп Дадаб во Кенија е еден од најстарите и најголемите на светот. За повеќе од 100.000 деца кои живеат таму, образованието е луксуз кој не можат да си го дозволат. Откако Кенија од ОН побара тој камп да се пресели во сомалиските граници, иднината на овие деца е уште полоша.
Последните 23 години Мохамед Абди Хусеин живее во бегалскиот камп во северниот дел на Кенија. Тука дошол кога имал само три години.
Наспроти предизвиците на бегалскиот живот, тој имал добар успех во средното училиште, но се уште не успеал да се запише на факултет.
– Се надевав дека по завршеното средно училиште ќе можам да се запишам на факултет. Редовно одам во УНХЦР и барам помош за школување. Чекам, еве веќе четири години, вели Хусеин.
Затвор под отворено небо
Многу млади од овој камп немаат можност да се запишат на факултет или да добијат дополнително образование. За нив кампот Дадааб не е ништо друго освен затвор под отворено небо, јавува од овој камп Мохамед Адоу, новинар на Ал Џезира.
– Покрај неможноста за вработување или продолжување на образованието, многу млади од овој камп се принудени да се вратат во Сомалија и да се придружат на некоја од групите кои се борат за превласт во таа држава, додаде Адоу.
Во овој камп процес на врбување водат и групи како Ал Шабаб.
– Не негирам дека во овој камп младите ги врбувале и од Ал Шабаб. Се работи за група која припадниците ги регрутира од сите делови од светот, од Ирак до Авганистан. Нема сила на светот која ќе го спречи младиот бегалец, кој нема работи и е гладен, да им се придружи, истакна бегалецот Кеисе Олоу.
Криминал и дрога
Некои млади кои имаат многу слободно време, се свртеа кон дрогата, а други кон криминалот, поради што животот во кампот стана опасен. Пред неколку дена убиен е 17-годишниот син на Халиме Хасан.
– Го пратив во продавница. Го застрелале со осум куршуми во глава. Не знам ни кој го направил тоа, ни зошто, рече таа.
Нападот на групата Ал Шабааб на универзитетот во Гариси дополнително го отежна животот на овие луѓе. Кениските власти сакаат во рок од три месеци сите бегалци од овој камп да бидат вратени во Сомалија. Освен тоа, престанаа со издавање на привремени пасоши на бегалци кои одат во Гариса на лекување и школување.
Запознавме 14 студенти од само 20, колку што живеат во овој камп. Нивното школување го плаќа УНЦХР. Се приближува време за испити, а тие не знаат дали ќе добијат дозвола да присуствуваат на нив. Се плашат дека тоа ќе им биде оневозможено и дека ќе бидат исфрлени од факултетот.