Три лица, познати активисти за заштита на правата на животните, се уапсени денеска во Лондон и Амстердам, осомничени за екстремистичко однесување.
Во соопштението на Скотланд Јард се наведува дека една жена на 50 годишна возраст, е уапсена утринава во јужнолондонската населба Кројдон, додека маж и жена и двајцата на 25 години, се упасени во Амстердам, во заедничка операција на британската и холандската полиција. Сите тројца се осомничени за уценување.
Полицијата уште соопшти дека е извршен претрес на работните места на тројцата уапсени.
Според изјавата на претставникот на Скотланд Јард, полицијата нема да го открие идентитетот на оние кои биле уценувани, како и местата каде тие работат, освен што соопшти дека сите уценувани се во Велика Британија.
Екстремизмот и екстремистичкото однесување на активистите кои тврдат дека дејствуваат за да се заштитат правата и животите на животните, подолго време се под полициски надзор, откако британските активисти извршија неколку напади врз научници и врз научни лаборатории кои за своите испитувања користат животни. Неколку пати беше нападната една лабораторија на Универзитетит во Оксфорд, а на притисок и постојано заканување беа изложени, како тие, така и членовите на нивните семејства.
Во еден случај, група вакви активисти, во знак на одмазда, го откопаа гробот на штотуку умрената мајка на еден од научниците и го однесоа нејзиното тело во непознат правец.