Полската полиција уапсила маж кој наводно му се заканувал со убиство на Рафал Трасковски, либералниот градоначалник на Варшава и кандидат за опозиција на претстојните претседателски избори, јави ДПА.
Мажот е уапсен откако, во телефонски повик до претседателската администрација, изјавил дека има намера да го убие Трасковски, изјави денеска портпаролот на полицијата.
Мотивите на човекот засега остануваат нејасни. Тој немал криминално досие и бил трезен во моментот кога е уапсен во западниот полски град Познањ.
Трасковски е претставник на центристичката партија Граѓанска платформа (ПО) и во претседателската трка влезе откако Полска го одложи закажаното гласање на претседателските избори на 10 мај, во време на политички расправии за тоа дали, како и кога да се одржат избори за време на пандемијата на коронавирус.
Изборите сега се планирани за 28 јуни.
Актуелниот претседател Анджеј Дуда, поддржан од владеачката конзервативна партија „Право и правда“ (ПИС), засега води во анкетите на јавното мислење.
Заканата потсети на убиството на градоначалникот на Данциг, Павел Адамович, кој во јануари 2019 година беше прободен со нож и подоцна почина од здобиените повреди, потсетува ДПА.