Капетанот на крузерот кој учествуваше во судирот со туристички брод на реката Дунав во Будимпешта е уапсен денеска откако беше испрашуван во својство на сведок, соопшти унгарската полиција.
Полицијата соопшти дека доказите се собрани на местото на несреќата во соработка со поморски експерти.
– Капетанот на бродот Викинг, 64-годишен Украинец, беше испрашуван под сомневање дека предизвикал масовна катастрофа, а обвинителот потоа побара негово апсење, се наведува во соопштението.
Адвокатот на капетанот, Балаш М.Тот изјави дека неговиот клиент не прекршил ниту еден пропис и додаде дека поднел жалба против обвинението.
Тот рече дека нема доволно докази за да се поддржи сомневањето. Тој оцени дека мислењето на експертите ќе биде клучно. Адвокатот додаде дека неговиот клиент бил капетан на 44 пловидби и дека никогаш не предизвикал несреќа.
Унгарската служба за спасување соопшти дека шансите се мали за да се најдат уште преживеани по судирот на два брода во Дунав, во центарот на Будимпешта, во кој седум лица загинаа, додека 21 се водат за исчезнати.