Туск на европска турнеја пред Самитот на ЕУ

Од:

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, ќе ги посети клучните држави во ЕУ во наредните денови за да се обиде да изнајде компромис за мигранциската криза.

По средбата со белгискиот премиер Шарл Мишел, во текот на денешниот ден, Туск во периодот до 26 јуни ќе замине за Стокхолм, Мадрид, Рим, Виена, Будимпешта и Берлин, главни градови на европските држави со дијаметрално спротиставени гледишта за политичкото решение на миграциската криза, која кулминираше со бродот „Аквариус“ минатата недела.

На бродот не му беше дозволено да вплови во Италија, Малта и според некои извори и Франција, за потоа да биде прифатен во Шпанија, каде новата социјалдемократска влада има поотворен став кон миграциските прашања.

Обидите да се реформира политиката на азил и правичната поделба на барателите на азил низ ЕУ пропадна на почетокот на јуни кога министрите за внатрешни работи на ЕУ го отфрлија компромисното решение за реформа на Даблинската регулатива, јави дописничката на МИА во Брисел.

Новата влада во Италија, каде изминативе години стотици илјади мигранти пристигнаа преку Средоземното Море, е коалиција на десницата и екстремната десница и е одлучена да стави крај на политиката на „отворени врати“ кон мигрантите и бегалците..

Германија, пак, преживува политичка криза во владината коалиција поради ова прашање, откако по кризата во 2015 година над еден милион бегалци и мигранти беа добредојдени. Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер е за строги правила и затворени граници, додека канцеларката Ангела Меркел се обидува и натаму да изнајде европски компромис. Доколку не успее да го смири незадоволството во својата коалиција, Меркел би можела да биде приморана да поднесе оставка во наредните недели.

Унгарија е против секаква поделба на одговорноста, додека новата австриска Влада е исто така за посилна контрола на надворешните граници на Унијата. Австрија ја прифати и данската идеја за отворање кампови во земјите од Западниот Балкан за мигранти чии барања за азил биле одбиени во ЕУ.

Поради пропаднатиот обид за компромис за европската миграциска политика, прашањето им се испраќа директно на лидерите на Унијата за изнаоѓање политичко решение за оваа криза, која го става во опасност постоењето на самата Шенген зона.

Би можело да ве интересира

Повеќе од 52.000 украински војници поминале обука како дел од помошта на ЕУ за Украина

Сиљановска-Маковец: Проширувањето на ЕУ не смее да трпи поради билатерални прашања

A1on

„Војната“ помеѓу ЕУ и Кина официјално започна

ЕУ донесе нов правилник за Шенген и гранична контрола

Горан Наумовски

Дејвид Гир од Тетово: Сакаме да работиме со сите кои го унапредуваат патот на земјата кон ЕУ

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани