Околу две третини од турските избирачи во Германија гласале за проширување на надлежностите на претседателот Реџеп Таип Ердоган на референдумот за уставни измени, кој вчера се одржа во Турција, јави ДПА.
Анадолија денеска јави дека 63,1 отсто од турските гласачи во Германија ги поддржале уставните измени.
Во Австрија 73,5 отсто од турските граѓани ги поддржале уставните измени, а во Белгија 75,1 процент.
Во Холандија 71 отсто од турските гласачи одговориле со „да“ на референдумот.
Во Швајцарија 38 отсто од Турците ги поддржале уставните измени.
Турците, кои живеат во странство, гласаа во конзулатите и други избирачки места во период од две недели пред референдумот во Турција вчера.
Според Анадолија околу 2,9 милиони турски гласачи се регистрирани во странство, од кои половината живеат во Германија. Турците во дијаспората претставуваат околу пет проценти од сите избирачи.