Турција одбива на нејзина територија да бидат отворени кампови за прифаќање и регистрирање на мигранти, какви што бара ЕУ, со цел да се справи со мигрантската криза, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.
– Им кажавме на Европејците дека нема да има никаков прифатен центар во Турција, истакна Давутоглу, додавајќи дека отворањето на такви центри е „неприфатливо и нехумано“.
За време на вонредниот Самит минатата недела, лидерите на ЕУ се договорија да ги зајакнат надворешните граници поради приливот на мигранти, создавајќи центри за прифаќање и регистрирање во Италија и Грција.
Тие, исто така, соопштија дека ќе одвојат најмалку една милијарда евра дополнителни средства за Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) и за Светската програма за храна, со цел да им се помогне на бегалците во соседните земји на Сирија.
Давутоглу ја отфрли идејата неговата земја да ја прифати ваквата помош.