Канадскиот премиер Џастин Трудо ја изрази тагата на земјата откако беа откриени остатоци од 215 домородни деца во стар интернат за присилна асимилација и воедно вети „конкретна акција“ за поддршка на домородните заедници.
– Како татко, не можам да замислам како би се чувствувал моите деца да ми бидат одземени, рече Трудо на прес-конференција. – А како премиер, јас сум згрозен од срамната политика која крадеше домородни деца од нивните заедници, потенцира канадскиот премиер.
– Помислете на нивните заедници кои никогаш повеќе не ги видоа. Помислете на нивните надежи, нивните соништа, нивниот потенцијал, на сè што ќе постигнеа, сè што ќе станеа, рече тој.
– Сето тоа беше одземено, рече Трудо.
Станува збор за ученици од индијанскиот интернат Камлупс во Британска Колумбија, кое било затворено во 1978 година, а нивните остатоци беа пронајдени со помош на специјален радар. Некои од децата имале само три години, а причината за нивната смрт се уште не е позната.
– За жал, ова не е исклучок или изолиран инцидент. Ние нема да се криеме од тоа. Мора да ја признаеме вистината. Резиденцијалните училишта беа реалност – трагедија што постоеше тука, во нашата земја, и ние мора да ја прифатиме, потенцира Трудо.
Случајот предизвика повици за истрага на сите поранешни станбени училишта. Институциите управувани од владата или Црквата биле наменети за присилна асимилација на домородните деца.
– Темелна истрага на сите поранешни резиденцијални училишта може да доведе до подлабока вистина за геноцидот врз нашиот народ“, рече шефот на Собранието на првите нации (AFN) Пери Белегард, пренесува „Глоуб енд меил“.
Со децении илјадници деца биле одземени од нивните семејства и сместувани во интернати, каде што морале да ја научат традицијата на европските колонијалисти за да ја заборават сопствената култура. Насилството и сексуалната злоупотреба биле вообичаени во овие училишта.
– Успеавме да го потврдиме она што нашата заедница веќе го знаеше, изјави челничката на домородната заедница Розана Казимир, по повод откривањето на телата на децата. – Во овој момент, имаме повеќе прашања отколку одговори.
Шестгодишната истрага за канадскиот систем на интернати, кој насилно ги одделуваше домородните деца од нивните семејства, откри во 2015 година дека системот, кој во меѓувреме бил укинат, претставувал „културен геноцид“.
Извештајот ги документира ужасното физичко насилство, неухранетост и други злосторства на кои биле изложени многу од 150.000 деца што ги посетувале тие училишта. Училиштата главно биле водени од христијански цркви во име на државната власт, од 1840-тите до 90-тите години на минатиот век.
Извештајот открива дека повеќе од 4.100 деца умреле за време на нивниот престој во таквите училишта. Се верува дека 215 деца чии остатоци биле пронајдени закопани под некогашното најголемо такво училиште во Канада, не се дел од таа статистика и дека нивната смрт останала незапишана сè до ова откритие.
Во 2008 година, канадската влада официјално се извини за тој систем. Домородната заедница соопшти дека очекува прелиминарни резултати од истрагата до средината на јуни.