Јапонците Исаму Акасаки и Хироши Амано, како и американскиот државјанин роден во Јапонија, Хуџи Накамура, оваа година се избрани за добитници на Нобеловата награда за физика.
Наградата им се доделува за пронаоѓање на сините светлечки диоди – нов штедлив енергетски и еколошки извор на светлина (ЛЕД сијалица). Пронајдокот е стар само 20 години, но веќе има исклучителен придонес за човештвото. Светлечките диоди масовно се употребуваат за екраните на смартфоните.
Тројцата научници ќе ја поделат наградата од 1,1 милион долари.
Нобеловата награда за физика се доделува од Кралската шведска академија на науките од 1901 година, која преферира оваа титула обично да оди во рацете на помлади научници. Просечната возраст на Нобеловите лауреати за физика е 55 години.
Првата Нобелова награда за физика ја доби германскиот физичар Вилхелм Рентген за откривање на нов вид зраци, кои се наречени според него.