Бројот на жените кои починале по масовната стерилизација во индиската држава Чатисгар се зголеми на 13, додека десетици се наоѓаат во болница, од кои повеќето се во критична состојба, соопштија денеска индиски официјални претставници.
Вкупно 83 жени, сите помлади од 32 години, биле стерилизирани во саботата согласно владината програма за бесплатна стерилизација, а потоа истиот ден биле пуштени дома.
Тие веднаш почнале да чувствуваат проблеми – повраќање, намалување на пулсот и други компликации, поради што итно се префрлени во болниците во Биласпур.
– Причина за смртта е труење на крвта или хеморагичен шок, до кој доаѓа кога лицето ќе загуби премногу крв, изјави заменикот во државниот директорат за здравство Амар Синг, иако дури денеска се очекуваат првичните резултати од аутопсијата.
Се претпоставува дека докторот кој ја извршил стерилизацијата, користел недезинфицирани инструменти.
– Властите во Чатисгар синоќа испратија авион во Њу Делхи со кој ќе допатува тим од четворица лекари со цел да „не се губи време“ во давањето помош на пациентките, истакна секретарката за здравство Лов Верма.
Локалните влади во Индија често нудат разни поволности за брачните двојки, кои доброволно се пријавуваат за стерилизација, со цел да се контролира раѓањето во оваа држава со над милијарда жители.