Триесет авиони на кинеското воено воздухопловство од кои дваесет ловци навлегле во зоната на тајванската противвоздушна одбрана, соопштија тајванските власти.
Станува збор за најголемиот упад на кинески авиони од 23 јануари годинава кога 39 летала на кинеското воено воздухопловство влегоа во т.н. „идентификациска зона на тајванската воздушна одбрана“ (АДИЗ).
Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека поради упадот ја подигнале својата авијација и го активирале ракетниот систем за противвоздушна одбрана, следејќи ги активностите на кинеската воена авијација.
Пекинг изминатите неколку години врши прелет со воени авиони во просторот на тајванската противвоздушна одбрана, за да демонстрира незадоволство поради официјалната политика на Тајпеј насочена кон зајакнување на независноста, вршејќи постојан притисок врз застарената тајванската авијација.
Тајван опстојува под постојан притисок од можноста за кинеска инвазија. Кина го смета островот за своја територија ветувајќи дека ќе ја припои кон матицата и на насилен начин доколку е потребно.
САД минатата седмица ја обвинија Кина дека ги подигнува тензиите околу Тајван. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен конкретно ги спомна упадите на кинеските воени авиони во тајванската зона на одбрана како пример за „се попровокативната реторика и активностита“ на Пекинг.
Неколку дена претходно, американскиот претседател Џозеф Бајден рече дека Вашингтон е подготвен со воени средства да го брани Тајван во случај на напад од Кина. Сепак, Белата куќа подоцна сепак нагласи дека нејзината политика на „стратешка амбигвитет” кон Тајван останува непроменета.
Зоната АДИЗ е многу поширока од тајванскиот воздушен простор и на некои места се преклопува со онаа во која е оперативно кинеското воено воздухопловство.
Минатата година се регистрирани рекордни 969 упади на кинески воени авиони во зоната, двојно повеќе од 380-те во 2020 година.
Само на 4 октомври мината година се регистрирани 56 упади на кинески воени авиони во воздушната зона на Тајван, 196 во текот на октомври.
Тајван оваа година пријави 465 упади во односниот воздушен простор, што е речиси двојно повеќе споредбено со истиот период минатата година.
Извор: МИА