Египетската Централна изборна комисија (ЦИК) вчера го продолжи за уште еден ден гласањето за претседателски избори во земјата.
– Гласањето ќе трае три дена, соопшти член на Комисијата.
Ваквата одлука е донесена поради ниската излезеност на гласачите во претходните два дена.
На изборите, на кои право на глас имаат околу 53 милиони државјани на Египет, речиси извесна е победата на поранешниот началник на Генералштабот на египетската војска, Абдел Фатах Ал Сиси. Во овие два дена одѕивот на гласачите изнесува околу 37 отсто, што е значително помалку од оние 52 процента кои го дадоа својот глас на изборите во 2012 година кога победи Мохамед Морси.
Набљудувачките групи соопштија дека завчера имало слаб одѕив, посебно во градовите каде доминираат исламистите, а во одделни средини на избирачките места не се појавил ниту еден гласач.
Најверојатно тоа е и причината поради која Владата вчерашниот ден го прогласи за неработен, со цел вработените во владините и јавните служби, кои се околу 5,5 милиони, да можат да гласаат.
Ал Сиси (59) посака голема излезеност за на Западот да му испрати порака дека симнувањето од власт на претседателот Мохамед Морси пред една година не бил државен удар, туку народна револуција, како онаа во 2011 со која беше ставен крај на 30-годишното владеење на Хосни Мубарак.
Ал Сиси по гласањето ги повика бирачите да излезат во што поголем број на избирачките места.
– Целиот свет не гледа. Египќаните сега ја пишуваат својата историја и иднина, порача Сиси.
Единствениот противкандидат на Сиси, левичарот Хамдин Сабахи синоќа по затворањето на гласачките места упати остри критики за продолжувањето на изборите, изјавувајќи дека со тоа е доведен во прашање интегритетот на целиот процес.
И изборниот штаб на Сиси поднесе жалба до ЦИК поради продолжувањето на изборниот процес.
– Ние се надевавме дека Изборната комисија ќе го продолжи гласањето секој ден по 21 часот поради топлото време. Но сметаме дека дополнителниот ден ќе ги исцрпи гласачите и ќе ги измори набљудувачите, изјави портпаролот на Сиси.
Во градовите каде доминираат исламистите и нивните сојузници, изборните места беа целосно празни откако движењето Муслиманско братство ги повика своите приврзаници на бојкот, најавувајќи дека нема да ги признае ни резултатите од изборот, кои ќе бидат познати на почетокот на следниот месец.