Американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски на неговата социјална мрежа Truth Social.
Тој објави линк до напис на Асошиетед прес со наслов: „Зеленски вели дека крајот на војната со Русија e „многу, многу далеку““.
„Ова е најлошата изјава што Зеленски можеше да ја даде, а Америка нема да ја толерира уште долго! Тоа е она што го кажав, овој човек не сака мир се додека има американска поддршка, а Европа отворено рече на состанокот што го имаше со Зеленски дека не може да ја заврши работата без САД. Веројатно не е добра изјава во однос на покажувањето сила што мислат против Русија“ – рече Трамп.
Инаку, Зеленски рече дека очекува Украина да продолжи да добива американска поддршка и покрај затегнатите односи со Трамп.
„Мислам дека нашиот однос (со САД) ќе продолжи, бидејќи тоа е повеќе од привремен однос“, рече Зеленски доцна синоќа, осврнувајќи се на поддршката на Вашингтон во последните три години од војната.
Зеленски минатата недела ги посети САД. Во Белата куќа се одржа состанок кој требаше да биде посветен на ставање крај на војната во Украина, но тој брзо прерасна во отворен вербален конфликт меѓу Зеленски и Трамп и неговиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Почетокот на средбата меѓу Трамп и Зеленски изгледаше срдечен, а Трамп изјави дека му е чест да биде домаќин на украинскиот претседател. Но, атмосферата брзо се промени кога Зеленски го доведе во прашање тврдењето на потпретседателот Џеј Ди Венс дека патот до мирот лежи во дипломатијата.
„За каква дипломатија зборувате? праша Зеленски, мислејќи на руската агресија години пред самата инвазија.
Венс потоа го обвини Зеленски за непочитување на Америка, додавајќи: „Треба да му се заблагодарите на претседателот“.
Зеленски одговори дека САД не ја чувствуваат заканата од Русија: „Имате убав океан и не го чувствувате сега, но ќе го почувствувате во иднина“.
Трамп потоа го прекина разговорот кревајќи го гласот: „Не ни кажувајте што ќе чувствуваме. Не сте во позиција да ни го диктирате тоа“.
Потоа го обвини Зеленски за „коцкање со трета светска војна“.
Застојот продолжи кога Венс го праша Зеленски: „Дали еднаш кажа „благодарам“?
Трамп потоа упати јасна закана: „Или ќе склучиме договор или ќе се откажеме“.