Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека САД и Северна Кореја имаат взаемно „големо почитување“, и покрај застојот во преговорите за нуклеарната програма.
– Многу добри работи ќе се случат во Северна Кореја…минавме долг пат, изјави Трамп на почетокот на разговорот со јапонскиот премиер Шинѕо Абе. Трамп појасни дека е изградена „добра почит.. дури и голема почит меѓу САД и Северна Кореја“.
Трамп се наоѓа во посета на Токио како дел од дипломатската офанзива на Абе против протекционистичките мерки кои САД ги воведува кон други земји. Американскиот претседател е незадоволен од големиот јапонски трговски суфицит и разгледува воведување повисоки царини на јапонскиот извоз на автомобили доколку не биде постигнат билатерален трговски договор.
Инаку, Трамп и првата дама Меланија денеска беа свечено примени во Царската палата во Токио, каде ги пречекаа новиот јапонски цар Нарухито и царицата Масако. Трамп е првиот светски лидер кој се среќава со царот, кој на престолот се наоѓа од 1 мај.