Американскиот претседател Доналд Трамп повика на повторно отворање на злогласниот затвор Алкатраз. Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп предупреди дека Америка е „измачена од сурови, насилни и сериски криминалци, отпадоци на општеството, кои никогаш нема да придонесат за ништо друго освен за беда и страдање“.
„Кога бевме посериозна нација, не се двоумевме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме подалеку од секој што би можеле да им наштетат.
Затоа денес го упатувам Бирото за затвори, во соработка со Министерството за правда, ФБИ и Министерството за домашна безбедност, повторно да го отвори многу проширениот и реновиран АЛКАТРАЗ за да ги смести најзлобните криминалци во Америка.
Повеќе нема да бидеме заложници на криминалци, насилници и судии кои се плашат да си ја вршат работата и да ни дозволуваат да ги отстраниме криминалците кои нелегално влегле во нашата земја. Повторното отворање на АЛКАТРАЗ ќе послужи како симбол на законот, редот и ПРАВДАТА. „ЌЕ ЈА НАПРАВИМЕ АМЕРИКА ПОВТОРНО ГОЛЕМА“, рече Трамп.
Алкатраз првично бил тврдина за поморска одбрана, а на почетокот на 20 век бил повторно изграден како воен затвор. Министерството за правда го презеде во 1930-тите, по што затворот почна да прима осуденици од федералниот затворски систем. Помеѓу попознатите затвореници беа озлогласените гангстери Ал Капоне, Мики Коен и Џорџ Кели.
Според ФБИ, 36 затвореници се обиделе да побегнат од Алкатраз, но речиси сите биле фатени или не го преживеале обидот за бегство. Опкружен со силни океански струи и студени води на Пацификот, островот Алкатраз сега е туристичка дестинација управувана од Службата за национални паркови. Затворањето на затворот во 1963 година се припишува на влошената инфраструктура и високите трошоци за поправка.
Портпаролот на Бирото за затвори рече дека „ќе ги почитува сите наредби од претседателот“. Бирото за затвори моментално има 16 затвори со висока безбедност, вклучително и објект со максимална безбедност во Колорадо и објект во Индијана во кој се извршува федералната смртна казна.