Американскиот претседател Доналд Трамп и кралот на Саудиска Арабија Салман потпишаа денеска бројни договори во вредност од речиси 380 милијарди долари, што ќе бидат реализирани во следните 10 години.
На првиот ден на посетата на Трамп, договорена е САД да и продадат на Саудиска Арабија оружје во вредност од околу 110 милијарди долари.
– Овој пакет на одбранбена опрема и услуги претставува поддршка за долгорочната безбедност на Саудиска Арабија, наведе анонимен претставник на администрацијата на Трамп.
Тој додаде дека со оваа продажба ќе биде подобрена саудиската „можност за придонес во антитерористичките операции во регионот, со што ќе се намали товарот на војската на САД при извршувањето на операциите“.
Синоќа беше најавено дека овој договор, склучен меѓу Вашингтон и Ријад, предвидува пакет составен од тенкови, бројни бродови, системи за ракетна одбрана, како и технологии за кибер безбедност.
Поголемиот дел од пакетот се однесува на она што САД го ветија пред стапувањето на Трамп на власт.