Американскиот претседател Доналд Трамп денеска телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин додека Вашингтон се обидува да ги обнови дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина, соопшти Кремљ.
Разговорот уследи откако мировните пратеници на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, за време на викендот ја посетија Москва, а потоа и Киев – за првпат во рамките на оваа дипломатска иницијатива – во обид да ги придви,жат мировните преговори од ќорсокакот.
За време на разговорот, Путин му го претстави на Трамп својот поглед на мировниот процес и својата оценка за моменталната ситуација во војната, изјави за новинарите помошникот во Кремљ, Јуриј Ушаков.
Според неговите зборови, рускиот претседател го увери Трамп дека Русија нема агресивни намери кон Европа.
Претставник на САД претходно за „Кијив Индипендент“ изјави дека Трамп ќе разговара со Путин откако американските пратеници ќе го информираат за резултатите од нивните средби во Москва и Киев.
Се очекува американскиот претседател да стапи во контакт и со украинскиот претседател Володимир Зеленски по разговорите со Путин.
„За време на разговорот со Путин, Трамп ја истакна потребата да се стави крај на конфликтот во Украина, што би ја отворило вратата за значително обновување на односите меѓу Русија и Соединетите Американски Држави“, рече Ушаков.
Виткоф и Кушнер разговараа со Зеленски и неговиот тим на 6 септември, еден ден по средбата со Путин во Москва.
