Службата за внатрешно разузнавање на Шведска се соочува со досега најголемиот предизвик за спречување на закани, од шпионажа и кибер напади, нарачани од држави, до разоткривање на потенцијални терористи, изјави денеска началникот на Шведската служба за безбедност (САПО) Андерс Торнберг.
Тој претставувајќи го годишниот извештај потенцира дека има реална и сериозна закана по безбедноста на Шведска, која добива се поголемо военостратешко значење.
– Голем број држави се вмешани во обидите, со законски и незаконски средства, за добивање на тајна и стратешка информација за шведската политика, економија, технологија, наука и одбрана, истакна Торнберг.
Тој додаде дека станува збор за обиди за инфилтрирање во стратешки компании, организации и владини служби.
– Русија е главната разузнавачка закана за Шведска, посочи Торнберг.
Тој не посочи ниту една конкретна земја како извор на кибернапади, но големината на тие напади имплицираат дека се со државна поддршка.