Топлотен бран во западна и централна Европа

Од:

Западна и централна Европа ги зафати топлотен бран поради кој властите на сојузната германска покраина Саксонија-Анхалт воведоа привремено ограничување на брзината на возење на одделни делови од автопатот од претпазливост поради евентуални оштетувања што можат да настанат од високи температури.

Властите предупредија дека температурата може да помине 40 степени Целзиусови во некои делови на Европа наредните денови.

Министерството за сообраќај на Саксонија-Анхалт соопшти дека е воведено ограничување на брзината на возење на 100 или 120 километри на час на неколку кратки делови од автопатот, на кои речиси нема ограничување на брзината.

Весникот Гардијан вчера објави дека голем бран жештина се шири во Западна Европа. Властите ги предупредија децата, пензионерите и луѓето со хронични болести да се подготват за неподносливи жештини.

Температурите ќе достигнат или ќе надминат 40 степени во голем регион – од Шпанија до Швајцарија поради комбинација од неподвижен циклон над Атлантскиот Океан и висок атмосферски притисок во Централна Европа. Во комбинација со висока влажност, на некои места субјективното чувство за температурата ќе биде како 47 степени, предупредуваат метеоролозите.

Во Шпанија, тие прогнозираат 42 степена во сенка утре во најмалку четири провинции. Објавена е тревога за зголемен ризик од шумски пожари.

Во понеделникот во Париз беше 34 степени, со предвидувања температурата да се искачи и да остане толку жешко во поголемиот дел од седмицата.

Емануел Демел од Метео-Франс тврди дека топлотниот бран е многу невообичаен, бидејќи доаѓа многу рано. Според податоците на синоптичарите, таква појава во Франција немало од 1947 година. Франција одложи испити во училишта за следната недела, а добротворни организации почнуваат да разнесуваат шишиња со минерална вода на бездомници.

Ситуацијата наликува на најголемиот топлотен бран во Франција од август 2003 година, кога од високите температури починаа 15.000 лица, а болниците не успеаја да ги прифатат сите кои имаа потреба.

Италија, исто така, ќе биде погодена од топлотниот бран. Синооптичарите најавуваат „најинтензивен топол бран со децении“.

Максимални температури помеѓу 37 и 40 степени ги очекуваат Рим, Фиренца, Болоња, Милано и Торино. Неколку италијански градови очекуваат да регистрираат рекорди во јуни. Властите во Рим предупредија на закана за здравјето поради сметот по улиците бидејќи има проблеми со отстранувањето на отпадот. Осум туристи беа казнети со 450 евра поради капење во фонтаните на градот.

Би можело да ве интересира

Лавров: Ефектот на „вакцината“ против нацистичкиот „вирус“ на Запад е значително ослабен

Аракчи најави можност за почеток на преговори меѓу Иран и Европа

Трамп: Европа ќе плати висока цена за недоволниот увоз на производи од САД

ВМРО-ДПМНЕ: СДС на патот на Македонија кон Брисел испорача само селфи и лаги

Едно од најголемите вселенски летала на НАСА тргнува на патување од 2,9 милијарди километри

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Во Европа беснеат поплави: Во Романија има мртви, во Чешка евакуирани стотина граѓани