„Те сакам“, напиша денеска Јулија, сопругата на Алексеј Навални на Инстаграм, објавувајќи нивна заедничка емотивна фотографија со која се збогуваше од сопругот кој во петокот почина во затвор во казнена колонија во Русија.
Во петокот попладне, веста за смртта на нејзиниот сопруг ја затекна на Конференцијата за безбедност во Минхен, каде таа и покрај страшната вест одлучи да се обрати пред присутните.
„Ако веста за неговата смрт е вистинита, сакам Путин, целата негова придружба, пријателите на Путин, неговата влада да знаат дека ќе сносат одговорност за она што го направија за нашата земја, за моето семејство, за мојот сопруг“.
Сопругата на Алексеј Навални утре ќе присуствува на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Ова го објави шефот за надворешна политика на блокот Жозеп Борел.
„Во понеделник ќе ја пречекам Јулија Навалнаја на Советот за надворешни работи на ЕУ“, објави тој на X.