Шеесет и четиригодишниот Адел Абдул Бари, за кој се шпекулира дека е татко на милитантот на ИСИС, Џихади Џон кој што ги егзекутираше двајцата американски новинари и британскиот хуманитарец, призна дека со Осама бин Ладен ги договорил нападите на американската амбасада во Африка, во 1998 година.
Тој наведе дека е виновен и дека бил поврзан со терористи, кои го поставиле експлозивот со цел да убијат американски државјани. Обвиненијата се однесуваат на бомбашките напади на амбасадите во Африка, при што загинаа 224 лица, меѓу кои 12 Американци.
Како што пренесуваат медиумите Бари пред судот се расплакал во моментот кога признал дека бил портпарол на Ал Каеда по бомбашките напади во Кенија и Танзанија. Тој изјавил дека ги контактирал медиумите за да ја презеде одговорноста за нападите во Најроби и Дар ес Салаам, а подоцна новинарите ги довел во контакт со бин Ладен и Ајман Ал Завахириј.
Бари учествувал во голем број терористички напади, а во Египет е осуден на смрт во отсуство, поради намерите да го крене во воздух трговскиот центар во Каиро во 1995 година.
Тој моментално се наоѓа во затвор во Њујорк, а му се заканува максимална казна од 25 години затвор. Постои можност да му бидат признаени 14 години кои ги поминал во затвор во Велика Британија, а олеснувачка околност за него е што директно не бил вклучен во масакрите во американските амбасади.
Е. Г.