Кинеското воено јакнење би можело да доведе во 2020 година Кина да изврши инвазија на Тајван, дури и доколку оваа територија добие помош од надвор, се наведува во најновиот тајвански воен извештај.
Според податоците од Националниот извештај за одбрана за 2013 година, годишната потрошувачка на Кина за одбраната се зголемувала во просек со двоцифрена годишна стапка во изминатите дваесетина години.
Освен воената моќ, како што се наведува во извештајот, значително е зголемена и способноста на Кина во истражувањата и производството на ново оружје, што се оценува како сериозна закана за Тајван.
На листата на ново оружје, кое Кина го произвела или купила од Русија, се наоѓаат стандардни подморници и такви на нуклеарен погон, стратешки бомбардери, невидливи борбени летала, балистички и противвоздушни ракети, се додава во извештајот.
– Со постојаното натрупување на оружје, кинеските комунисти ќе бидат во состојба со сила да го преземат Тајван до крајот на 2020 година, се проценува во извештајот.
Главен сојузник на Тајван се САД, кои уште во 1996 година, испратија два носачи на авиони во водите меѓу Кина и нејзината островска територија, Тајван, која од 1949 година, функционира де факто како независна држава.