Рускиот премиер Димитри Медведев и тајландскиот преоден премиер Прајут Кан-ока денеска се договорија економската размена меѓу двете држави во 2016 година двојно да се зголеми и да достигне вредност од 10 милијарди долари.
Соопштувајќи ја веста лично, генералот Прајут, шеф на воениот удар во Тајланд од мај минатата година, одби да даде попрецизни податоци за тоа што е договорено.
Тајланд и Русија, поради воениот удар во Бангкок и настаните во Украина се под економско и политичко ембарго од страна на САД, Европската Унија и Австралија и затоа аналитичарите на посетата на Медведев и даваат поголемо значење од колку што таа би била во понормални околности. Медведев е прв руски премиер што го посетува Тајланд по 25 години.
Во заедничкото соопштение само е наведено дека двете држави потпишале повеќе спогодби за размена во областа на енергетиката, инвестициите и културата. Русија и Тајланд потпишаа и договор за соработка во сузбивањето на криминалот и спречувањето на производство и трговија со дроги.
Тајландските медиуми пренесуваат дека делегацијата која го придружува рускиот премиер имала серија средби со водечките бизнисмени од туристичката индустрија на Тајланд.
Минатата година, поради воведената вонредна состојба во Тајланд бројката руски туристи била за осум отсто помала од 2013 година. Според најавите, по посетата на Медведев може да се очекува плажите, храмовите и баровите во Тајланд да ги посетат над два милиони руски туристи.