Во судирите во Јемен досега загинаа вкупно 944 лица, а 3.487 се ранети, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Како што пренесе агенцијата Фена, цо претходниот извештај на СЗО за оваа земја се оперираше со бројката од 767 загинати и 2.906 ранети лица од почетокот на судирите на 19 март.
СЗО сега соопшти дека реалната бројка на жртвите на терен сигурно е поголема, бидејќи многу тела не се префрлени во мртовечниците на болниците.
Меѓународната организација предупредува на опасноста од се полоша здравствена нега во оваа земја каде има недостиг од лекови и чести прекини на струјата.
СЗО наведе дека недостигот од вода може да предизвика различни болести и додаде дека се регистрирани случаи на потхранетост на жени и деца помлади од пет години.
Оваа меѓународна организација наведува дека заради судирите во земјата многу пациенти не можат да дојдат до болниците или домовите за здравје.