СЗО: Во Европа жените подолговечни од мажите

Од:

Во Европа мажите заостануваат една генерација зад жените во однос на траењето на животниот век, соопшти Светската здравствена организација.

– Во целина мажите заостануваат зад жените цела една генерација, имајќи предвид дека во 2010 година тие не ја достигнале просечната старост кај жените во 1980 година, нагласи Риту Сидана, еден од авторите на извештајот на СЗО, кој беше објавен денеска.

Во извештајот за Европа се наведува дека иако Европејците денес можат да се радуваат на подобрената здравствена состојба и на тоа дека можат да живеат подолго, меѓу различните региони, како и меѓу мажите и жените има значителни разлики во однос на траењето на животниот век.

Извештајот освен европските земји ги вклучува и држави од централна Азија (Таџикистан и Казахстан) и Израел. Документот опфаќа вкупно 53 држави, со вкупно население од 900 милиони лица и се изготвува на три години.

Меѓу 1980 и 2010 година траењето на животниот век во Европа се зголемил за пет години, при што просекот за жените изнесува 80 години, а за мажите 72,5 години. Девет од десетте држави во светот со најдолг животен век се во Европа.

Новата здравствена политика на СЗО до 2020 година предвидува благосостојбата да биде вклучена во истражувањата, поврзани со траењето на животот и здравствената состојба на луѓето.

– Во изминатите 65 години евидентираме смртни случаи, заболувања и инвалидитет. Време е да почнеме да го мериме и влијанието на благосостојбата, изјави Клаудија Стејн, директор за научни истражувања и иновации во регионалната канцеларија на СЗО. Вниманието на истражувачите ќе биде насочено и кон пристапот до здравствена грижа.

Околу 80 отсто од смртните случаи во опфатениот регион се причинети од неинфекциски заболувања, инфаркт, мозочен удар и рак, кои се поврзани со двата основни ризици за здравјето – цигарите и алкохолот.

– Изненадувачки е што конзумирањето на алкохол во Европа е на највисоко ниво во светот, нагласи Енди Хејнс од Лондонскиот универзитет за хигиена и тропска медицина. Тој додаде дека алкохолот е причина за 6,5 отсто од смртните случаи.

Според податоците на авторите на извештајот секој Европеец годишно пие по 10,6 литри чист алкохол.

Европа се соочува и со стареење на населението и урбанизацијата. Доколку во 2010 година луѓето на возраст од над 65 години сочинувале 15 проценти од населението, во 2050 година делот на лицата од таа група ќе се зголеми на една четвртина.

Урбанизацијата веќе опфати 70 проценти од населението во европскиот регион и се очекува тој показател да продолжи да се зголемува. Заедно со него ќе се продлабочат и проблемите поврзани со дебелината, недостигот на физичка активност и загадување на воздухот.

– Во 80 проценти од 35-те земји, кои доставуваат такви информации, загаденоста на воздухот ги надминува стандардните норми, додава Хејнс.

Меѓу успесите на европскиот регион е најниската смртност на децата во целиот свет, која се намалила за 54 отсто во периодото од 1980 до 2010 година. Смртноста на жените при породувањето исто така значително е намалена, за 50 отсто.

Се помалку Европејци умираат во сообраќајни несреќи, што се појаснува со намалувањето на вкупниот број сообраќајки, а особено на оние предизвикани поради употреба на алкохол.

Во целиот регион се забележува и намалување на бројот на самоубиствата, при што во некои земји е евидентиран пад за 40 отсто.

МИА

Би можело да ве интересира

Лавров: Ефектот на „вакцината“ против нацистичкиот „вирус“ на Запад е значително ослабен

Аракчи најави можност за почеток на преговори меѓу Иран и Европа

Трамп: Европа ќе плати висока цена за недоволниот увоз на производи од САД

ВМРО-ДПМНЕ: СДС на патот на Македонија кон Брисел испорача само селфи и лаги

Едно од најголемите вселенски летала на НАСА тргнува на патување од 2,9 милијарди километри

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Во Европа беснеат поплави: Во Романија има мртви, во Чешка евакуирани стотина граѓани