Светската награда за хуманизам што по седми пат ќе ја додели Охридската академија на хуманизмот, во 2013-та ќе и припадне на нобеловката Херта Милер, со одлука на седумчлено меѓународно жири.
Прогласувањето на Милер за лауреат на наградата, како и во минатите години, ќе биде на 18 јануари, на свеченост во Охрид, во куќата „Уранија“ на МАНУ. Беседа за творештвото на писателката ќе одржи Јордан Плевнеш, а во нејзина чест ќе биде промовирано ексклузивно издание на нејзината книга „Животни во срцето”, на издавачката куќа „Феникс“.
Херта Милер е родена во 1953 година во Ницкидорф, мало место во Романија, во кое се зборува на германски јазик. Студирала германистика и романска книжевност. Како студент по германска и руска литература, Милер се спротивставила на режимот на Николај Чаушеску и се придружила на група дисидентски писатели, кои се залагале за слобода на говорот. Емигрирала во Германија во 1987 година по години поминати во прогони и цензура во Романија.
Нејзино прво дело е збирката раскази „Надири“, напишани во 1982 година, додека работела како преведувач во една фабрика. Расказите биле цензурирани од романските власти и Милер била отпуштена од фабриката откако одбила да работи за тајната полиција Секуритате. Нецензурираниот ракопис на нејзиното дело „Низина“ бил прошверцуван и објавен во Германија и веднаш добил добри критики.
Нобеловата награда за литература Милер ја доби на 20-годишнината од падот на комунизмот во Европа. Објавувајќи ја веста за наградата, Шведската академија ја опиша како авторка која „со згуснатост на поезијата и искреност на прозата го слика пејзажот на обесправените“.
Херта Милер е авторка и на книгите: „Земјата на зелените сливи“, „Состанок“, „Тиранско танго“, „Пасошот“.. Наскоро на македонски ќе излезе од печат и нејзиниот роман „Нишалка на здивот“.
Охридската академија на хуманизмот ја востанови наградата во 2007 година. Им ја доделува на врвни личности од светската уметност, според традицијата на св. Климент Охридски – основоположникот на првата Средновековна школа за хуманизам во Европа.
Прв добитник на Светската награда за хуманизам беше јапонскиот будистички филозоф Даисаку Икеда, а во наредните години наградени беа: португалскиот синеаст Мануел де Оливеира, рускиот писател и нобеловец Александар Солженицин, индискиот композитор, хуманист и филозоф Рави Шанкар, театарскиот режисер и теоретичар Питер Брук, српската писателка Вида Огњеновиќ.