Судот во Египет го определи 4 ноември како датум за почеток на процесот против соборениот претседател Мохамед Морси.
Морси е обвинет за поттикнување кон убиство на демонстранти, кои протестираа пред претседателската палата за време на неговото управување.
Апелативниот суд во Каиро одлучи на Морси и на 14 членови на организацијата „Муслимански браќа“, кон која тој припаѓа, да им биде судено пред кривичен суд.
Обвиненијата против Морси, кој беше соборен од власт на 3 јули, се поврзани со едни од најсмртоносните насилства за време на неговото управување. Во судирите во декември загинаа најмалку десет лица, кога исламистички групи и приврзаници на Морси нападнаа демонстранти, кои протестираа пред претседателската палата.