Во цела Индија денеска се забележани хаотични сцени каде редовите пред банкоматите се уште подолги, а има и судири меѓу нервозните граѓани, јавуваат американските медиуми.
Милиони растревожени луѓе се обидуваат да ги разменат старите банкноти со висока номинална вредност, што пред неколку дена станаа неупотребливи откако владата ги исфрли од употреба.
Во главниот град Њу Делхи избувнаа судири, откако завршија парите во банкоматите. Паниката настана во две банки во стариот дел на градот, кога илјадните граѓани, кои чекаа пред нив, се втурнаа во филијалите.
Паравоени формации, разместени кај банките во некои од најоптоварените региони, шетаат пред толпата и луѓето ги повикуваат да го зачуваат редот. Незадоволството се зголеми откако беше соопштено дека во некои банки завршија новите банкноти.
Министерот на финансии, Арун Џајтлеј денеска изјави дека на банките ќе им треба време да ги направат промените во банкоматите за да ги пуштат во оптек новите банкноти. Министерот изјавата ја даде во текот на собирањето на милиони луѓе пред банкарските филијали.
Во вторникот од полноќ банкнотите од 500 и 1.000 рупии (7,5 и 15 долари) веќе не се законско платежно средство во Индија.
Владата соопшти дека од 20 ноември до 31 декември на секој граѓанин со валидна лична карта ќе му овозможи замена по 4.000 рупии, а банкоматите ќе даваат по 2.000 рупии дневно на човек.
Изненадувачката операција на замена на 24 милијарди банкноти од оптек е дел од борбата со избегнувањето на даноците и нелегалните средства во прометот.