Неколку илјади лица, во најголем број членови и приврзаници на опозициското движење „6 април“ се судрија синоќа во Каиро со припадници на египетската полиција, која употреби и солзавец за растерување на насилните демонстранти.
Протестите, на кои беа извикувани пароли против исламистичкиот претседател на Египет, Мохамед Морси, ескалираа кога група демонстранти се обидоа да упаднат во зградата на Врховниот суд, каде се наоѓаат и канцелариите на државниот јавен обвинител, кој беше именуван во ноември од страна на шефот на држвата во постапка со која, според опозицијата, не бил почитуван Уставот.
Собирот пред Врховниот суд беше само еден од неколкуте протести што ги организираше движењето „6 април“ по повод петтата годишнина од неговото формирње.
Како што јави ДПА, на претседателките избори минатата годиниа ова движење го поддржа Морси, но во меѓувреме ја повлече поддршката на актуелниот претседател, кого сега го обвинува дека се однесива диктаторски и дека претставува марионета на исламистичкото движење Муслиманско братство.
Членовите на движењето „6 април“ беа едни од најактивните учесници на антивладините протести од пред две години, кои резултираа со оставка на долгогодишниот египетски претседател Хосни Мубарак.