Јавниот живот во Германија од среда ќе биде „замрзнат“. Поради се поголемиот број новозаразени со коронавирусот, канцеларката Ангела Меркел и премиерите на федералните покраини во текот на викендот потврдија дека се заоструваат ограничувањата. „Принудени да дејствуваме и тоа го правиме“ – порача Меркел на прес конференцијата на која ги соопшти новите мерки.
Сите продавници ќе бидат затворени, со исклучок на продавниците за дневни потреби за живеење (класични продавници за самопослужување), како и аптеките. Фризерски салони и други активности за услуги кои бараат близок контакт ќе бидат затворени.
Училиштата и градинките исто така се затвораат. Часови ќе се одржуваат само преку интернет, а поддршка ќе добијат само оние родители кои на кој било начин не можат да се грижат за своите деца.
Меркел апелираше до работодавците да им дозволат на нивните работници да работат од дома што е можно повеќе со цел дополнително да ги намалат контактите. За да ги ублажи економските загуби, министерот за финансии Олаф Шолц вети дека ќе им помогне на компаниите погодени од новите мерки. Тој очекува дека овој „пакет помош III“, како што го нарече, ќе чини 11 милијарди евра месечно.
Мерките ќе бидат привремено олеснети од 24 до 26 декември кога за празниците ќе може да има мали семејни собири. Меркел апелираше до населението да воведе „недела на заштита“ пред празниците со цел да се намали ризикот од инфекција на семејните собири, односно да се намалат нивните контакти на минимум седум дена претходно. Мерките ќе бидат на сила најмалку до 10 јануари.