Кремљ води жесток напад врз слободата на медиумите и постапките на Москва да се лаже и задушува вистината за бруталната инвазија во Украина се засилуваат, обвини американскиот Стејт департмент.
Генералното обвинителство на Русија во вторникот побара регулаторот Роскомнадзор да ги затвори двата независни електронски медиуми „Ехо на Москва“ и „Дожд“, со тоа што го ограничи пристапот на нивните сајтови и забрани емитување.
Според Стејт департментот, властите во Русија исто така прават пречки за платформите на Твитер, Фејсбук и Инстаграм, од каде независни информации и мислења црпат десетици милиони руски граѓани, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Во петок, рускиот Парламент контролиран од Кремљ, се подготвува да изгласа закон според кој „неофицијалното“ известување за руската инвазија на Украина ќе биде казниво со драконски казни до 15 години затвор.
– Рускиот народ не ја избра оваа војна. Неа ја избра Путин. Тие имаат право да знаат за убиствата, страдањата и уривањето што ги предизвика нивната влада во Украина, изјави портпаролот Нед Прајс.
Според него, „народот на Русија исто така има право да дознае за човечките жртви на таа бесмислена војна дадени од нивните сопствени војници“.
САД го повикаа Путин и неговата влада да се почитуваат меѓународните обврски и ветувања, веднаш да го запрат крвопролевањето, да ја изнесат војската од територијата на Украина и да ги почитуваат човековите права и основните граѓански слободи.
Извор: МИА