Средбата во Минск за Источна Украина заврши без договор

Од:

Преговорите на Контакт групата за решавање на украинската криза синоќа завршија во белорускиот главен град Минск без напредок и договор за одржување на следна рунда преговори.

Посредникот во преговорите за регионот Доњецк Денис Пушлин соопшти дека прелиминарниот состанок бил тежок и дека се уште се расправа за времето и местото на одржување на следната средба.

На состанокот не беше дозволено присуство на медиуми, а учесниците по петчасовната средба не дадоа коментар, јави Танјуг.

Следната рунда преговори може да биде закажана за петок, но Министерството за надворешни работи на Белорусија по средбата соопшти дека не е сигурно дали таа средба ќе биде одржана.

Пред почетокот на преговорите на Контакт групата специјалниот претставник на Русија за човекови права, демократија и владење на право Константин Долгов изјави на ТВ „Русија 24“ дека средбата во Минск претставува реална можност за ставање крај на војната во Источна Украина и воспоставување траен мир.

– Сакам да верувам дека ова е реална можност, уште една реална шанса по долги подготовки, да се стави крај на непријателството и воспостави долготрајно примирје, изјави Долгов.

Според податоците на ОН досега во конфликтот во Источна Украина се убиени над 5.000 цивили.

На средбата присуствуваа претставници на Украина, проруските сили, Русија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Тема на разговор беа мерки за обезбедување стабилен прекин на огнот во Источна Украина. Претходно беше најавено дека ќе биде разговарано и за повлекување на тешкото вооружување, целосна размена на воени заробеници и достава на хуманитарна помош.

Претходната средба во септември резултираше со договорен прекин на огнот, што често е нарушуван од двете страни. Средбата на Контакт групата првично беше закажан за 9 и 12 декември во Минск, но беше одложен на барање на Украина.

Би можело да ве интересира

Смирнов ја повика Русија да отвори истрага против Зеленски за тероризам

Кулеба: Повеќе од половина од енергетскиот систем на Украина е оштетен во нападите на руските сили

Литванија е сомнителна кон Украинците мобилизирани од странство: Тие ќе се предадат или ќе дезертираат

Руски проектили ја погодија железничката инфраструктура во Харков, најмалку една жртва

(ВИДЕО) Вреќа со компир му го спаси животот на руски војник од украински дрон „камиказа“

Руската армија ја презеде контролата над Новобахмутовкa