Смртта на Џорџ Флојд е предизвикана од срцев удар, заклучи патологот на округот Хенепин, по завршената аутопсија спроведена врз Афроамериканецот кој беше убиен за време на апсење, за што е обвинет поранешниот полицаец Дерек Шовин и тројца негови колеги кои се обвинети за соучесништво и неактивност.
Во извештајот на др. Ендрју Бејкер е истакнато дека Шовик го притиснал Флојд со коленото по вратот и го држел повеќе од осум минути, но во заклучокот тоа не се споменува како директна причина за смртта. Семејството на Флојд финансираше независна обдукција, во која се наведува „задушување од постојан притисок“ како причина за смртта.
Во новиот извештај се наведува дека Флојд имал бројни модринки и исекотини на главата, лицето, устата, рамената, рацете и нозете, но нема докази дека било што од овие повреди било фатално.
Во последната обдукција се вели дека Флојд имал срцева болест и страдал од висок крвен притисок, а неодамна бил тестиран позитивно на Ковид-19, но без никакви индикации дека тоа одиграло каква било улога во неговата смрт.