Европските претставници го отфрлија најновиот мировен предлог на американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека тој е значително наклонет кон Москва и дека попуштањето пред Русија само би го охрабрило Владимир Путин да ја нападне и друга членка на НАТО, објави Политико.
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, му порачала на тимот на Трамп дека нивниот предлог-договор за прекин на огнот, составен од 28 точки, нема шанси за успех без поддршка од Киев и европските влади.
Предлогот предизвика сериозна вознемиреност во европските престолнини, најпрво затоа што Европската Унија воопшто не била вклучена во неговото изготвување, а уште повеќе затоа што, како што изјавил еден европски функционер, „тој претставува ништо повеќе од список на желби на Путин“, пренесува Политико.
Според објавените детали од договорот, Украина би била принудена да се откаже од окупираните територии во источниот дел на земјата, да ја преполови својата армија и да се лиши од дел од тешкото вооружување.
„За да успее кој било мировен план, тој мора да биде поддржан од Украина и од Европа“, изјави Калас пред новинарите во Брисел.
„Притисокот мора да биде врз агресорот, а не врз жртвата. Наградувањето на агресијата само ќе доведе до уште поголема агресија“, додаде таа.
