Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа не се согласи за резолуција со која се осудува воениот удар во Мјанмар, но ќе ја повика војската да се воздржи од насилство и да размисли за натамошните мерки во консултациите што ќе продолжат, пренесуваат британските медиуми по разговори со дипломати во ОН.
Нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност повикува на исклучителна воздржаност на војската, силно се осудува употребата на насилство врз мирните демонстранти и се потенцира дека ситуацијата се следи внимателно, со подготвеност да се разгледаат натамошните мерки.
Британските медиуми наведуваат дека Советот за безбедност изразил и длабока загриженост во врска со кршењето на човековите права и основните слободи, вклучително и ограничувањата за медицинскиот персонал, граѓанското општество, медиумските работници и повикува на итно ослободување на сите уапсени.
Дипломатите на ОН потврдија дека Кина, Русија, Индија и Виетнам предложиле амандмани на британската нацрт-резолуција на Советот за безбедност, што вклучувале отстранување на споменувањето на зборот пуч и заканите со разгледување на натамошни мерки, а ваквите изјави ова 15-члено тело ги усогласува со консензус.
Дипломатите наведуваат дека заради напорите за зачувување на единството во Советот за безбедност за ситуацијата во Мјанмар веројатно наскоро нема да се разговара за санкции, бидејќи на ваквите мерки веројатно ќе им се спротивстават Кина и Русија, кои заедно со САД, Франција и Велика Британија имаат право на вето.
Советот за безбедност минатиот месец издаде соопштение за состојбата во Мјанмар, изрази загриженост за вонредната состојба воведена од војската на Мјанмар и повика на ослободување на сите уапсени, но осудата за пучот беше запрена поради противењето на Русија и Кина.
Мјанмар влезе во криза откако војската ја собори владата на демократски избраната премиерка Аунг Сан Суџи со државниот удар од 1 февруари, ја приведе како и другите функционери на нејзината партија „Национална лига за демократија“ и ја презеде власта во земјата, тврдејќи дека изборите во ноември биле нерегуларни.