Совет на Европа: Слободата на печатот е клучна во услови на криза

Од:

Генералната секретарка на Советот на Европа Марија Пејчиновиќ Буриќ и германската министерка за правда Кристина Ламбрехт денеска изразија загриженост поради нападите врз новинари и ограничувањата на слободата на печатот во многу делови на Европа, нагласувајќи дека слободата на медиумите е од клучна важност во кризни времиња.

Во заедничката изјава по повод утрешниот 3 мај – Светски ден на слободата на печатот, тие потсетија дека правото на слобода на изразување е содржано во членот 10 од Европската конвенција за човекови права, на која се обврзаа сите 47 земји-членки на Советот на Европа, вклучително и 27 членки на Европската унија.

„Во демократија, новинарите играат витална улога во откривањето на вистината и повикувањето на властите на одговорност. Нивната работа е да обезбедат граѓаните навремено да добиваат точни и веродостојни информации, што е уште поважно во контекст на пандемијата на Ковид-19“, се додава во соопштението.

Оценето е дека медиумите треба да бидат слободни детално да го проучуваат и критикуваат одговорот на властите на кризата, но како што беше потврдено од последниот извештај на граѓанските организации кои соработуваат со Советот на Европа, многу новинари се соочуваат со зголемени опструкции додека ја исполнуваат оваа важна улога во текот на пандемијата.

„За жал, исто така, сведоци сме на зголемен број напади и закани кон новинари кои известуваат од протести, што е неприфатливо. Сега, од кога било, е поважно новинарите да можат слободно и безбедно да си ја вршат својата работа“, се вели во соопштението.

Промовирањето на слободата на изразување низ цела Европа е клучна цел на Советот на Европа, со кој моментално претседава Германија, се додава во соопштението и се истакнува дека паралелно со излегувањето од пандемијата сите влади мора заеднички да работат на зајакнување на слободата на изразување.

Би можело да ве интересира

Акциски план на ОН за физичка и правна заштита на новинарите – десет години потоа

Ана Ололовска

Три четвртини од новинарките во светот биле жртви на закани и напади преку интернет

Жарко Настоски

ИФЈ: Во 2020 година се убиени 65 новинари и медиумски работници

Ана Ололовска

Репортери без граници: Во 2020 година убиени се 50 новинари, повеќето во држави што не се во војна

Ана Ололовска

Комитет за заштита на новинарите: Во 2020 година уапсени рекордни 274 новинари

Катерина Ѓуровски

ИПИ: 482 кршења на медиумските слободи од почетокот на пандемијата Ковид-19

Ана Ололовска