Претставникот на шпанската конзервативна Народна партија (НП) Пио Гарсија-Ескудеро Маркес ќе го предводи шпанскиот Сенат. Неговата кандидатура денеска беше поддржана од 144 од вкупно 265 членови на Горниот дом на Парламентот, пренесе ТАСС.
За претседател на Конгресот на пратениците е избран Пачи Лопес од Шпанската социјалистичка работничка партија. За него гласаа 130 од вкупно 350-те членови на Долниот дом на Парламентот.
Во говорот пред пратениците новиот претседател на Конгресот на пратениците, Пачи Лопес, се заложи за дијалог и усогласеност,што се фундаменталните елементи на политичкиот живот на едно демократско општество, пренесоа француските медиуми.
Лопес ги повика пратениците да работат заедно за да се изборат со разликите што се појавија во Шпанија после годините на штедење, воведени од левицата и кои траеја и за време на владеењето на десницата.
Денеска се одржа првото заседание на новиот Парламент, посочуваат француските медиуми. За првпат откако демократијата се врати во Шпанија во 1978 година по диктатурата на Франциско Франко, во Долниот дом присустуваа четири големи политички блока, дополнуваат француските медиуми.
На изборите на 20 декември најмногу гласови освои конзервативната НП. Тие, меѓутоа, не и беа доволни за самостојно формирање Влада. Затоа нејзиниот претседател, премиерот Маријано Рахој, почна консултации со лидерите на другите политички партии – Шпанската социјалистичка работничка партија и новите партии во Парламентот „Подемос“ (Ние можеме) и „Сиудаданос” (Граѓаните).