Седиштето и главниот штаб на Скотланд Јард и на лондонската Метрополитен полиција ќе се продадат за да може да се заштедат 500 милиони фунти, во следните 2,5 години, соопштено е денеска во Лондон.
Освен за заштеда на пари, раководството на најголемата полициска единица во Велика Британија смета дека за новите услови за работа на полицијата се потребни сосема поинакви и пофункционални простории.
Сегашната зграда на Скотланд Јард, во центарот на Лондон, е изградена во 1967 година и таа е позната и популарна кај туристите, по големата табла, што постојано се врти. За продавање се предвидени и голем број полициски станици низ британскиот главен град. Сега во Лондон, за потребите на 32 илјади полицајци колку што има во градот, се користат 700 полициски станици, бази за полициските патроли и гаражи.
– Потребна е зграда за сегашните, современи полициски услуги, изјави заменик комесарот на Скотланд Јард, Крег Мекеј, објаснувајќи дека сегашното седиште ја чини полицијата 11 милиони фунти за одржување, а за обнова се потребни дополнителни 50 милиони.
Предвидено е Скотланд Јард и Метрополитен полицијата да се преселат во помали простории, на Вајтхол, во близината на зградата на Парламентот и повеќето од владините инсититуции.